Административни процедури ја одолговлекуваат распределбата на социјалните станови во Гостивар

Наместо да бидат нечиј топол дом, овие станови во Гостивар наменети за социјално загрозени семејства и по година и половина од изградбата, се’ уште зјаат празни. Вкупно 70-тина станови се сместени во два влеза на зградата. Објектот е вселив и со извршен технички прием. Распределбата на становите се одолговлекува поради административни процедури.

Најпрво мораше да се прави нова методологија за рангирање, поради измени во Законот за социјална заштита, каде беа утврдени нови категории граѓани кои ќе можат да аплицираат за социјален стан. Сега заради одредени измени во тек на градбата, потребно е одобрение од општинскиот Сектор за урбанизам. Инвеститорот, Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор поднел барање за одобрение, а од урбанизам велат дека обработката е во процедура.

„Одобрението за градба на тој објект е издадено во 2014-та година, но со оглед дека во текот на изградбата имало измени, Акционерското друштво поднесе барање за одобрение за измени во тек на градба. Тоа е во процедура и во фаза на пресметка на сумата што треба да се плати, значи кај пресметувачот. Тековно се јавуваат одредени други работи, затоа што одобрението е од 2014-та, тогаш се‘ одело во хартиена форма, а сега преку електронскиот систем и  пресметувачот ги нема сите податоци за претходната пресметка, па неопходно е тие да се достават од страна на инвеститорот.“, изјави Кадрије Алиу, раководител на Секторот за урбанизам во Општина Гостивар.

Откако ќе биде издадено одобрението, објектот ќе може да се впише во катастар и да се отвори оглас за распределба на становите. Но кога точно ќе се завршат сите административни процедури, не се знае. За објава на огласот Министерството за транспорт и врски чека на доставување на целокупната документација за социјалната зграда од страна на Акционерското друштво.

Од Министерството објаснија дека согласнозакоснкуте одредби за социјални станови може да аплицираат следните категории на граѓани кои се станбено необезбедени: Деца без родители или родителска грижа,  корисници на гарантирана минимална помош, лица погодени од елементарни – природни непогоди, семејства со лица со попреченост, припадници на Ромската заедница социјално загрозени согласно Стратегијата за Ромите како и самохрани родители со малолетни деца.

error: Content is protected !!