Акција во Гостивар: За еден час откриени 60-тина сообраќајни прекршоци

Саботниот ден полицијата во Гостивар го посвети на интензивни контроли во сообраќајот. Колку се возачите недисциплинирани докажува податокот дека за еден час биле откриени 60-тина прекршоци. Денешната акција се спроведе во рамки на засилените активности на МВР за поголема безбедност во сообраќајот.

„Веќе две недели постапуваме на територијата на Скопје, но и на други градови. Бевме во Прилеп, Штип еве денес сме во Гостивар. Преземаме мерки да ги санкционираме сите прекршители на сообраќајните правила и прописи, се со цел да обезбедиме побезбедни улици. За еден час откако почна акцијата во Гостивар, имаме околу 60 санкционирани возачи, пред се‘ за нерегистрирани возила, возење без возачка дозвола, прекумерна брзина и др. МВР денес е цел ден во Гостивар, но овие контроли продолжуваат и во наредните денови“, изјави портпаролот на МВР Тони Анѓеловски.

Сообраќајните полицајци имаат задача да „ловат“ и моторциклисти. Освен за прекршоците и за незаконско вградување уреди на моторите кои предизвикуваат бучава.

„Како МВР сме посветени особено на оние прекршоци кои се ризик за сообраќајни незгоди со потешки последици, но ги санциониаме и возачите на моторцикли кои со злоупотреби додаваат делови на своите моторцикли и создаваат бучава што ги вознемирува граѓаните во доцните вечерни часови.“, рече портпаролот.

МВР го повтори апелот до сите учесници во сообраќајот, да се придржуваат до пропишаните правила и прописи, за да се намали ризикот од несреќи по улиците и патиштата.

error: Content is protected !!