Башким Хасани поднесе тужба против Таравари

Разгорено нетрпение меѓу политичките противници во Гостивар. Претседателот на огранокот на ДУИ, Башким Хасани во гостиварскиот Основен суд поднесе тужба против градоначалникот Арбен Таравари за клевета и навреди. Тужбата се однесува за фејсбук објава со наслов: „Политичката мафија во Гостивар пред неколку дена беше фатена со 100 кг. марихуана, имаат ли овие луѓе кредибилитет да зборуваат за училишта“, во која е објавена фотографија од Хасани и активиста на ДУИ.

Поднесувањето на тужбата градоначалникот го искоментира како неосновано и рече дека ќе продолжи да ја кажува вистината, без оглед на судските процеси.

Во тужбата стои дека фејсбук објавата е реванш на прес конференција која Хасани ја одржа во врска со доцнење на плати во основните училишта. Од судот се бара да утврди граѓанска одговорност за навреда и клевета и надомест на штета од 250.000 денари.