Бектеши: Се замрзнуваат и се намалуваат за 13% цените на хигиенските производи

На предлог на Министерството за економија, Владата на денешната седница ќе донесе Одлука со која се утврдуваат највисоки цени на трговија на мало на хигенски производи. Согласно одлуката се утврдуваат највисоки цени на тоалетна хартија,влажни марамчиња,пелени за деца и возрасни и хигиенски влошки кои се применувале на 20 март во трговијата на мало, кои цени се намалуваат за 13%. Оваа одлука се носи согласно анализите направени во Министерството за економија имајќи ги во предвид податоците од Царинската управа.

Министерот додаде дека одлуката за хигенските влошки се носи пред се’ бидејќи Законот за намалување на ДДВ на овие производи се’ уште не е усвоен во Собранието.

“Имајќи во предвид дека за жал во собраниска процедура од декември минатата година има законско решение за овие производи за намалување на ДДВ од 18 на 5%, но се’ уште ова решение не е разгледано во Комисијата за финансирање и Буџет во Собранието“ кажа министерот Бектеши.

Оваа одлука стапува на сила по објавување во Службен весник, а ќе се применува од 1 април до 31 мај 2023 година.

Министерот за економија Бектеши денеска соопшти и дека в петок или недела ќе се знае кои видови зеленчук и овошје ќе бидат со замрзнати цени. Како што изјави Бектеши, влезните параметри за овошјето и зеленчукот од Министерството за земјоделство се веќе во Министерството за економија и се очекуваат уште податоците од Царинската управа.

На замрзнувањето реагирааат од Стопанската комора на северозападна Македонија, чиј став е идентичен со оној од СКСМ. Според претседателот Менди Ќира, мора да се престане со замрзнувањето на цените и да се најдат други алтернативи. Решението го гледа во интервенцијата со државните резерви, но вели треба да се разгледаат и сите други можности од типот на намалување даноци и кратење на ДДВ.