Бетонизацијата на Тетово на штета на идните генерации

Тетово станува претесно. Градот се гуши. Секоја педа се бетонизира, се сечат долгогодишни дрвја за паркинг, за згради, а нема нови зелени површини. Тетовчани веќе не го препознаваат својот град.

„Како беше порано ич не е Тетово. Што е зеленило, ова ли е зеленило, овде се згради направиле, големи згради, ништо друго“, вели жител на Тетово.

„Зеленилото се уништува“, вели жителка на Тетово.

„Премногу е со згради, зеленило нема, воздух нема, воздухот е загаден не се живи, не се диши“, вели жителка на Тетово.

Архитектот Бошко Видоески вели дека на градот му се случува т.н. инвеститорски урбанизам, во кој самите инвеститори кои градат станбени згради се главни планери на гратското ткиво. Од една страна тие ја злоупотебуваат законската регулатива, која овозможува промена на било кој урбанистички план, со нерационални и нереални барања, а од друга страна самите жители, ги продаваат дотогашните живеалишта.

„Голем процент од семејствата од посиромашниот слој се доведени во една безизлезна ситуација, да единствен излзез за да си ги подобрат сопствените станбени услови за живеење практично е да го дадат станот на инвеститор кој за возврат ќе им даде нов стан. Меѓутоа инвеститорите секогаш грат 5-6 кратно повеќе станови, со тоа го зголемуваат населението на дадено подрачје, а таквото зголемување носи низа на други негативни реперкусии, вели Видоески.

Бетонизацијата носи сообраќаен метеж, недостатог на паркинг места, аерозагдување, веќе познати проблеми, но според Видоески, не се зборува доволно за порозноста на тлото, која се обезбедува преку тревници, земјени појаси, приватни дворови, затоа поплавите сѐ се почести изминативе години.

„Кај нас, нели сѐ се поплочува, сѐ се бетонира, дали ќе биде тоа за потребите на нова зграда, на нов објект или ќе биде за потребите на паркинг, со тоа е намалена порозноста на тлото, а тоа се одразува при поголемите дождови, гледаме се повеќе и повеќе се поплавуваат домовите. Не постои атмосферска канализација во светот којашто ќе има капацитет да ги собере сите води од еден град којшто станува непорозен, односно се е пополочено и ги губиме природните површини“, објаснува Видоески.

Инаку Светската здравствена организација препорачува достапност на минимум 9 м2 зелена површина по поединец, со идеална вредност на урбана зелена површина од 50 м2 по глава на жител. На пример Љубљана има дури 542 м2 јавна зелена површина по жител.

Данијела Билбилоска