Библиотеката во Гостивар ги става книгите во карантин пред повторно да ги издава

Ковид пандемијата наметна нови правила во работењето на градската библиотека во Гостивар. Освен вообичаените протоколи за заштита кои подразбираат носење маски, дезинфекција и ред во влегувањето внатре со одржување на растојание, во библиотеката задолжително е книгите кои ги враќаат читателите да се ставаат во карантин три дена, пред повторно да може да се позајмуваат. Раководството на гостиварскиот Центар за култура, во чиј склоп функционира библиотеката оваа пракса ја презело по светски примери, за да ги заштити читателите, со оглед на сознанијата дека коронавирусот може извесно време да се задржи на хартија. Библиотеката извесно време беше и затворена, но сега веќе има воспоставено нормален тек на работа. Интересно е што сепак, гостиварци не ја изгубиле љубовта кон книгите и во време на корона.

„Библиотеката сега функционора на начин што книгите кои ги враќаат нашите членови, задолжително се оставаат во карантин три дена, пред да може повторно да се позајмуваат. Интересот за читање, за среќа не се изгуби кај нашите читатели, и тие што го сакаат пишаниот збор и ја негуваат културата на читање, доаѓаат и земаат книги. Се разбира притоа се почитуваат општите мерки на заштита: носење маски, дезинфекција и ред во влегувањето внатре со одржување на растојание.“, вели директорот Ход Мифтари.

Пандемијата ги диктира и културните настани воопшто. Центарот во Гостивар во текот на месеците кога имаше карантини и полициски час, направи напор да не се заборават културните вредности, преку неколку онлајн настани.

Градската библиотека во Гостивар е една од најстарите во земјава, а за читателите на располагање има над 65.000 наслови на книги од секаков вид на литература.

error: Content is protected !!