Благодарници за лекарите херои во ковид битката – Цана, Демири и Нешкоски (постхумно)

Секоја генерација си има своја борба, секое време си има свои херои. Ова беше последниот статус на социјалните мрежи на прерано починатиот доктор Трајче Нешкоски од Гостивар. Младиот пулмолог останува запаметен како активно вклучен во борбата против ковид, пожртвуван и целосно посветен на пациентите. Во знак на почит и благодарност Нешкоски постхумно доби благодарница од Општина Гостивар. Благодарници за трудот, знаењето и вниманието што го вложуваат во лекување на заболени со ковид, им беа доделени и на инфектолозите Фадил Цана и Илир Демири.

„Во знак на почит кон нивниот придонес и пожртвуваност да им излeзат во пресрет на заразените со Ковид-19, денес им доделив Признанија на тројца еминентни доктори од полошкиот регион. Иако ја ценам и почитувам работата и пожртвуваноста на сите лекари и дург медицински персонал во справувањето со пандемијата, мислам дека д-р Фадил, д-р Илир и покојниот д-р Трајче се главните експоненти кои биле спремни 24 часа на ден да помогнат до максимум и да им даваат потребни информации на граѓаните од поширокиот гостиварски регион во врска со инфицираните со Ковид-19“, изјави градоначалникот Таравари.

„Овие признанија се благодарност до сите мдицинари кои со најголема посветеност работеа во лекувањето и спасувањето животи. Признанијата или наградите треба да се сфатат како респект и привилегија, но повеќе како обврска за да се ангажираме уште повеќе во нашата работа“, нагласи инфектологот д-р. Фадил Цана.

Докторите Фадил Цана од Чегране и Илир Демири од Тетово, работат на Инфективната клиника во Скопје. Доктор Трајче Нешкоски беше ангажиран во ковид центарот во Козле. Градоначалникот Таравари најави дека на следната седница на Советот ќе достави предлог овие лекари да се прогласат за почесни граѓани на Општина Гостивар.

error: Content is protected !!