Блерим Сејдиу не се согласува со одлуката во неговата општина да има тридневен полициски час



Првиот човек на Желино Блерим Сејдиу не се согласува со одлуката во неговата општина да има тридневен полициски час. Смета дека оваа одлука е неправедна, бидејќи во последните десет дена заразени со КОВИД 19 во неговата општина нема.

Првиот човек на Општината вели дека граѓаните биле дисциплинирани и ги почитувале мерките против коронавирус, а сега со полицискиот час и тие се казнети заедно со другите соседни општини, каде не се почитувале препораките.

-Општина Желино и понатаму смета дека вчерашната одлука на Владата е неправедна и некоректна за општината, бидејќи кај нас во последните 10 дена не е регистриран ниту еден случај на Ковид-19. Оваа одлука за изолација и забрана за жителите со полициски час е неправедна бидејќи сите ние бевме внимателни, апелиравме и граѓаните максимално ги почитуваа мерките и сега на крај сме казнети како останатите општини кои не се покажаа внимателни-вели Блерим Сејдиу.

Дел од жителите не веруваат во вирусот, некои пак сметаат дека треба да има полициски час, затоа што населението не било дисциплинирано.

-Колку што гледам тука воопшто нема правда. Веќе 3 месеци трае ова со короната, а ние немаме видено ниту еден болен или починат од коронавирус. Само манипулираат, вели еден жител на Општина Желино

-Добро е народот да се опамети. Самите си го правиме ова да има полициски час. Што да им правиш, ниту маска не носат, ниту ништо, додава друг жител на Општина Желино.

Градоначалникот на Желино Блерим Сејдиу, вели дека службено се обратил до Владата за укинување на полицискиот час во неговата општина, но досега не добил никаков одговор.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

error: Content is protected !!