Блокадата на Русино ќе продолжи

Пристапот до Русино ќе биде блокиран и во следните денови. Граѓанската иницијатива „Стоп Русино, чист воздух за Гостивар“ реши рампата да остане спуштена за камиони со отпад дополнителни десет дена. Забраната повторно ќе важи и за камионите од гостиварски „Комуналец“, додека не се стабилизира горењето на ѓубрето.

„На почетокот надлежните реагираа, спречија горење, затрупуваа, еве се поставија и камери. Очекуваме до понеделник да се овозможи следење на состојбата на интернет. Но, сепак последните денови повторно се случуваат пожари, отпадот чади, се шири непријатна миризба. Наша одлука е блокадата на Русино да продолжи, вклучително и за камионите од Гостивар.“, рече Марија Спасовска од Граѓанската иницијатива.

Во меѓувреме се одржуваат информативни средби и состаноци за да се разгледа состојбата, можностите, понудените решенија, постојниот проект и да се донесе конечна одлука. Вчеравечер се организираше состанок со претставници од проектот за Управување со отпад, што го финансира Швајцарската Влада и од Центарот за развој на полошкиот плански регион.

Граѓаните поставија прашање: Дали и кога Русино може да се затвори?

„Самото затворање на депонијата опфаќа процедури на затворање и инкапсулација на отпадот. Ако во овој момент имаме алтернативна локација и ја напуштиме депонијата, таа ќе продолжи да загадува. За да престане да загадува, постои начин како се инкапсулира депонијата  и како после тоа се контролира.“, рекоа претставниците од проектот.

Граѓанските активисти, кои од 2 август ја организираат блокадата на Русино, се залагаат за затворање и дислокација на депонијата која со децении го труе Гостивар.  

error: Content is protected !!