Буџетот на Гостивар во првиот квартал реализиран со над 20%

Буџетот на Општина Гостивар во првите три месеци од годинава е реализиран со над 20%. Надлежните од Секторот за финансии ја оценуваат реализацијата како добра. Сепак треба да се има предвид дека во тој период се уште немаше коронакриза, и ефектите од пандемијата врз општинските финансии ќе испливаат на површина во наредните месеци. Извештајот за буџетот за првиот квартал ќе се најде на седница на Советот закажана за оваа среда.

„Првиот квартал имаме добра реализација на буџетот, што значи ако важа продолжи до крај на годината ќе имам 90% реализација и тоа без ребаланси. Основниот буџет на пример во првите три месеци е реализиран со 21%, самофинансирање 22%, дотациите 25% и донациите 6,5%.“, изјави Садри Елези, раководител на Сектор за финансии и буџет Гостивар.

Од наплата на даноци во првиот квартал во буџетот се влеале 11,5 милиони денари. Елези објаснува дека тие средства се всушност од даночни решенија испратени до граѓаните и фирмите минатата година.

„Така е затоа што во првиот квартал се уште се работат и подготвуваат решенијата за даноци и такси за тековната година.“, вели Елези.

Буџетот на Општина Гостивар за 2020 е проектиран на околу 18,5 милиони евра. Ребаланс со извесни изместувања, најверојатно ќе има кон средината на годината. 

Инаку, седницата на Советот во среда ќе се одржи онлајн преку апликацијата зум. Ова е прв пат, советот да заседава на ваков начин, а се практикува поради препораките за заштита од коронавирус.

error: Content is protected !!