Буџетот на Гостивар за следната година проектиран на 18,2 милиони евра

Буџетот на Општина Гостивар за следната година е проектиран наедна милијарда и 120 милиони денари, односно околу 18,2 милиони евра. Споредено со годинава, се бележи зголемување од 4,5%. Најголемиот дел од консолидираниот буџет, околу 60% отпаѓа на дотации, кои се трансфери од неколку Министерства за плати на вработените во училиштата, градинките и противпожарната служба. Општината за наредната година испланирала повеќе пари за капитални инвестиции како и за изградба на канализации. 

„Предвидено е зголемување на средствата за капитални инвестиции и тоа за 38% повеќе од буџетот за годинава, или во сума 500 илјади денари повеќе. Вкупно за капитални инвестиции во 2021-ва се планирани над 145 милиони денари. Исто така, зголемување има на планираните средства за пречистување на отпадни води, конкретно изградба и реконструкција на канализации, и во тој дел имаме 200% зголемување. Поконкретно од 8 милиони денари, колку што биле годинава на 25 милиони денари.“, вели Газмед Исмаили, раководител на Секторот за финансии и буџет.

Како што објаснува Исмаили покачување на износите има и во делот на заштитата на животната средина, а се воведува и нова програма за поддршка на проекти на Советот на млади.

Предлог-буџетот на Гостивар треба да се најде на гласање пред Советот кон крајот на месецот. Во четврток напладне, општината на онјалн платформата зум организира јавна дебата на која граѓаните може да дадат предлози и мислења за буџетското планирање.

error: Content is protected !!