Висока стапка на морталитет во Гостивар

Статистиката која го отсликува природниот прираст на населението во Гостивар носи загрижувачки бројки. Во третото тримесечје од 2021-ва година на подрачјето на гостиварската општина имало два и пол пати повеќе починати отколку новороденчиња.

Според податоците од Државниот завод за статистика, во јули, август и септември во Гостивар се родиле 154 бебиња, а починале 401 лице. Периодот го опфаќа и последниот силен корона бран, што го зафати гостиварскиот регион, кога речиси секојдневно имаше смртни случаи. Во извештаите на Министерството за здравство за посочените три месеци стои дека во општините Гостивар, Врапчиште и Маврово Ростуше од последица на ковид починале 126 граѓани. Најмногу смртни случаи се регистрирани во август, дури 69.

Лекарите оценуваат дека откако тој налет на вирусот стивна, состојбата во Гостивар се држи на стабилно ниво.

„Во тој бран, да имаше доста смртни случаи, но потоа состојбата се смири и сега е стабилно. Мислам дека она што периодов го поминуваат други региони, Гостивар го помина тогаш“, рече д-р Ратко Наумовски, раководител на инфективно во Гостивар.

Во третото тримесечје висок негативен природен прираст имаат и соседните општини Врапчиште и Маврово Ростуше. Во Врапчиште се родиле 48 бебиња, а умреле 92 лица. Во М.Ростуше имало само 9 новородени, а починале 39 граѓани.

На државно ниво, бројот на живородените деца во третото тримесечје од 2021 година, во споредба со истиот период од претходната година, е намален за 3,8%, додека бројот на умрените лица бележи зголемување од 30,7%.

Leave a Reply

Your email address will not be published.