Висок водостој на Вардар и Пена во тетовско

Од УХМР известуваат дека е регистриран висок водостој на реката Вардар во горниот дел на течението, како и на река Пена во Тетово. Иако се’ уште има простор до прагот на излевање, од УХМР предупредуваат на внимателност во горниот дел од сливот на реката Вардар (заедно со притоките), односно Тетовско-Гостиварскиот регион и Полошка котлина.

Од страна на локалната самоуправа, пак, е активиран регионалниот штаб за справување со кризи и на кризните точки веќе се испратени два багери за расчистување и проширување на коритото на река Пена во долниот дел од градот и од страна на Водостопанство на Македонија ПО Тетово се интервенира на Поројска река на регионалниот пат Тетово-Јажинце. Исто така од сабота ќе се интервенира со два помали багери на коритото на Речичка река кај наплатната рампа на автопатот Тетово-Гостивар и на другите критични точки. За настанатата состојба со подигнатото ниво на водите РЦУК Тетово е во постојана соработка со ДЗС Тетово и Водостопанство на Македонија ПО-Тетово, од каде известија дека засега имало само помали излевања работи на чистење на истите.

Последните мерења за нивото на реката Вардар, кои Управата за хидрометеоролошки работи ги има направено утринава во 7:30 часот, покажуваат дека поради обилните врнежи од дожд изминатите денови има зголемено ниво  и кај Железничкиот мост во Скопје и во Велес. Според мерењата на УХМР зголемувања на водостоите се измерени и на реката Треска кај Македонски Брод, на Пчиња кај Катлановска бања, Брегалница кај Штип и на реката Струмица кај Сушево. Пониско ниво од просекот за мај има реката Црн Дрим кај Ложани, Крива Река кај Крива Паланка и Брегалница кај Берово. Во однос на водостоите на Дојранското, Охридското и Преспанското Езеро, мерењата на УХМР покажуваат дека се во рамки на просекот за мај.