Владата дозволи одигрување на спортски натпревари

Владата на Македонија на последната седница донесе одлука со која се дозволува одигрување на натпревари во екипните спортови. Сепак, натпреварите на краток и среден рок ќе се играат без присуство на публика и протокол за здравствена безбедност на сите учесници. Со ваквата одлуката, престанува да важи одлуката од 12 март кога беше забрането одигрување на спортски натпревари и беа прекинати сите првенства.

Со одлуката на Владата, се задолжуваат сите спортски федерации да изготват протоколи за тренинзи и одигрување на натпревари, со цел заштита на сите инволвирани од Ковид-19, кои потоа треба да бидат одобрени од Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство.

За очекување е прво да започне фудбалското првенство, чиј старт е закажан за 9 ти август и токму поради тоа ФФМ прва го подготви протоколот кој доби и зелено светло за спроведување од надлежните. Протоколот веднаш е испратен до сите клубови кои треба да се прилагодат кон мерките кои се предвидени.

Останува нејасно дали забраната за присуство на гледачи ќе важи и за репрезентативните настапи на македонските национални селекции, со оглед на тоа што ни претстои богата репрезентативна понуда на есен.

error: Content is protected !!