Водици во Гостивар ќе се слави со положување на крстот во Вардар

На два дена пред големиот христијанкси празник Богојавление Водици, во Гостивар се заокружуваат подготовките за негово одбележување. По една година пауза наметната од ковид пандемијата, се продолжува традицијата на славење со манифестација, која опфаќа  литија низ градските улици со пеење на „Во Јордање“ и  положување на светиот крст во водите на реката Вардар.

Чествувањето на Богојавление во среда ќе започне со света литургија во соборната црква „Успение на Пресвета Богородица” од каде ќе тргне и литијата во 11 часот. Чинот на осветувањето и положувањето на светиот крст во Вардар, ќе се изврши точно напладне на малиот мост. За вадење на крстот од реката до сега се пријавени дваесетина момчиња. 

Вардар во време на Водици е многу студен, но тоа не ги спречува младите гостиварци да учествуваат во вадењето. Се верува дека тој што ќе го извади крстот од водите на реката, ќе има среќа, здравје и бериќет. Од возобновувањето на традицијата во 2015 до последното одбележување во 2020 година, крстот фатија: Дарко Лавдинов, Горан Божиновски, Павел Давидоски, Душко Милошески, Панче Ѓурчиновски и Благојче Велјаноски.

Иницијативниот одбор упати покана до христијанските верници да бидат дел од прославата на празникот во Гостивар, за да помогнат во зачувување на традицијата.

Одбележувањето на Водици пак во Бигорскиот манастир почнува вечерва со вечерна богослужба и сеноќно бдение.  Во среда на ден Водици, наутро ќе биде отслужена Божествена златоустова литургија во храмот Пресвета Богородица во Ростуше, по што во 9 часот и 30 минути ќе тргне литијата до Ростушки мост и светиот крст ќе биде положен во реката Радика.

Богојавление – Водици се празнува во чест крштевањето на Исус Христос од страна на Свети Јован Крстител, во реката Јордан.

Сподели