Водици се одбележа и во Гостивар

Во Гостивар по шести пат од возобновувањето на традицијата, празникот Водици беше прославен со положување на светиот крст во водите на Вардар.

Дваесет и тригодишниот Благојче Велјановски годинава имаше најмногу среќа од триесетината момчиња, кои скокаа по крстот во Вардар, на прославата на Водици во Гостивар. Младиот гостиварец не ја криеше радоста што светиот крст се најде во неговите раце, и посака здравје и благостостојба за сите верници.

Одбележувањето на големиот христијански празник Богојавление Водици во Гостивар  започна со света литургија во соборниот храм „Пресвета Богородица“ на градскиот плоштад. По богослужбата, литијата тргна од црквата и преку централното градско подрачје се движеше до малиот мост на Вардар, пеејќи ја песната „Во Јордање“.

Чинот на осветување на водите и положување на светиот крст во реката, како и секоја година го изврши Митрополитот тетовско-гостиварски г.Јосиф.

Секоја година одбележувањето на Водици во Гостивар станува се помасовно. Илјадници граѓани, стари и млади, се приклучуваат на манифестацијата со што се создава вистинска празнична атмосфера и достоинствено негување на традициите.

Годинава во Гостивар Водици се славеше со положување на крстот во Вардар по шести пат, откако во 2015-та се возобнови традицијата.

error: Content is protected !!