Волонтери на Црвен крст го реновираа детското одделение во тетовската болница
Тетовски средношколци волонтери во Проект за хумани вредности при Црвениот крст реновираа неколку простории на Детското одделение во тетовската болница, со средства собрани од неколку нивни акции. Собите добија нов изглед, но и дел од потребната опрема.
Осуммина средношколци од Медицинското и Економското училиште, кои се волонтери во Црвениот крст во Тетово, собраа пари и бојадисаа неколку простории во Детското одделение во Клиничката болница во Тетово, обезбедија постелнина за креветите, инхалатори и ваги.
Спроведувајќи ја програмата Промоција на хумани вредности (ПХВ), тие прво направиле истражување за проблемите со кои се среќава тетовската болница. Откако го лоцирале Детското одделение како простор на кој му треба реновирање, спровеле неколку акции за собирање парични средства, со кои ја набавиле потребната опрема.
Во Тетово преку програмата ПХВ се вклучени 30 средношколци кои наставата ја следат на македонски и албански јазик. Тие се поделени во четири групи, кои имаат посебна задача.
Во саботата една од групите почна акција за собирање на средства за помош на повеќечлено семејство со социјален ризик од Сиричино.
Данијела Билбилоска