Вонредни анализи на водата во Гостивар: Бактерии нема, но водата не била хлорирана

Зголемениот број на граѓани со стомачни тегоби изминатите денови во Гостивар, ги мобилизираше службите во Центарот за јавно здравје да направат вонредни испитувања на водата од градскиот водовод. Резултатите покажале дека физичко-хемиски и микробиолошки, водата од земените примероци била во рамки на законските прописи, но не содржела хлор.

За да биде потполно безбедна за пиење, водата мора редовно да се хлорира, нагласи доктор Берун Мустафа, раководител на подрачната единица на ЦЈЗ во Гостивар.

„Резултатите одговараат на законските прописи, физичко-хемиски и микробиолошки. Но, во анализираните примероци не беше детектиран резидуален хлор. Мора да напоменам дека резултатите се однесуваат на промероците земени во тој момент, а за претходно немаме информации за состојбата со водата за пиење. Водата кога ние ја испитувавме не беше хлорирана неколку дена. Затоа сакам да апелирам до „Комуналец“ континуирано секојдневно да ја хлорира водата, посебно во ситуација на пандемија резидуалниот хлор треба да биде на горната граница од максималната дозволена вредност. Да биде о,5 милиграми на литар. Хлорирањето мора да биде секојдневно со автоматски гасен хлор така што со тоа би имале потполно безбедна вода за пиење. Иако резултатите одговараат на законските прописи, микробиолошки се испитуваат само бактерии и ние не можеме да кажеме дека водата е потполно безбедна доколку не е хлорирана.“, изјави д-р Мустафа.

Примероците што вонредно ги анализирала службата биле земени во понеделникот, 5 октомври од пет мерни места од градскиот водовод: Малеарди, Дутлок, Питарница, Голем пазар и Центар.

Редовните анализи на водата за пиење ЈП „Комуналец“ ги врши преку друга лабараторија избрана на тендер. Од претпријатието велат дека водата во градскиот водовод е безбедна за пиење и резултатите од физичко-хемиските и микробиолошки испитувања на земени мостри, одговараат на законски пропишаните. Контрола била направена и од инспектори од Агенцијата за храна и ветеринарство кои потврдиле исправност на водата.

Според нашите сознанија последниот случај со недостигтот на хлор се јавил поради изведување работи и дефект и е надминат.

error: Content is protected !!