Во болницата во Гостивар само преку еден влез, пациентите задолжително со маски и ракавици

Општата болница „Д-р Ферид Мурад“ во Гостивар ги зајакна мерките за превенција од ширење на коронавирусот. На влезот на болницата се врши задолжително мерење на телесната температура и епидемиолошка анкета на сите што влегуваат внатре. Ова се однесува и на вработените во болницата и на пациентите. За спроведување е задолжен тим од медицинскиот персонал и лицата ангажирани за обезбедување на објектот.

Директорот Јакуп Јакупи нагласи дека сите пациенти коишто доаѓаат задолжително мора да носат заштитна опрема, ракавици и маски. „Оние пациенти кај кои ќе биде констатирана покачена температура или било какви симптоми и сомнежи на коронавирус ќе бидат препратени во инфективното одделение.“, изјави Јакупи.

Инаку, додека трае вонредната состојба, за целиот објект и сите одделенија на болницата отворен е само еден влез, преку Ургентниот центар. Останатите влезови се забранети.

Во Гостивар се очекува да биде отворен пункт за земање брисеви за коронатестирање, но за сега конкретни информации кога тоа ќе се случи и на која локација ќе биде поставен, не се познати.  Болничката управа уште еднаш апелираше до гостиварци да ги почитуваат препораките и мерките против корона, за што побрзо да се преброди кризата.

error: Content is protected !!