Во втората недела на јануари во нашата земја се пријавени над 1 300 случаи на грип
Најголем број од нив се од Битола и од Гостивар, но бројките се големи во повеќето градови. Лекарите велат дека во изминатиот период кружи грип со симптоми кои траат подолго, па лекувањето трае и до две недели кај некои пациенти.
Грипот зема замав, амбулантите преполни со пациенти. Според податоците на Институтот за јавно здравје во текот на минатата недела во земјава се пријавени вкупно 1 346 случаи на групни пријави за заболени од грип/ заболувања слични на грип, за 63,9% повеќе во споредба со претходната недела. Најголем број на заболени лица се пријавени од Битола и Струмица – по 147 и Гостивар – 125, а во останатите, бројот на пријавени е помал од 100.
Во однос на возрасната дистрибуција, 888 лица се на возраст од 15-64 години, 186 кај деца на возраст од 5-14 години, 139 кај деца на возраст од 0-4 години и 133 се регистрирани кај лица на возраст над 65 години. Највисока инциденца се регистрира кај децата на возраст од 0-4 години.
Од ИЈЗ велат дека се забележува зголемување на бројот на заболувања слични на грип, кој е над неделната граница за сезонска активност, втора недела по ред. Земјава има широка географска распространетост и висок интензитет на активноста на вирусот на грип.
Во интервју за Сител претседателот на Комисијата за заразни болести Александар Петличковски се согласува дека во изминатиот период кружи грип кој се лекува дури две недели и температурата трае долготрајно.
Лекарите препорачуваат дека вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување.
Данијела Билбилоска