Во гостиварскиот регион осум новозаболени со Ковид 19

Се зголеми бројката на заразени со коронавирус во гостиварскиот регион. Изминатото деноноќие регистрирани се осум новозаболени лица, од кои две во Гостивар и шест од села на територијата на Општина Врапчиште. Двете новорегистрирани позитивни лица во Гостивар имале контакт со потврден случај. Со ова вкупната бројка на активни болни на подрачјето достигна 20.

Бројката на новозаболени драстично расте и на државно ниво. Голем дел од граѓаните пак, и понатаму не веруваат дека вирусот е опасен и дека е потребно секој поединец да ги презема превентивните мерки за заштита. Според градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари, неопходно е здравствените власти да спроведат кампања за информирање и едукација на населението, за да се сфати сериозноста на епидемијата.

„Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство, тоа требаше да го спроведат уште пред два месеци. Но, никогаш не е доцна. Мора да спроведат кампања, да ги информираат граѓаните што повеќе за да се надминат предрасудите и недовербата“, рече Таравари.

Од почетокот на пандемијата до сега, во трите општини на поширокиот гостиварски регион направени се над 440 тестирања за коронавирус.

error: Content is protected !!