Во гостиварските училишта тргнаа 660 првачиња

Во училиштата на гостиварска територија во оваа учебна година во прво одделение тргнаа околу 660 деца. Училишните управи и учителките утрово им подготвија весели приеми и се потрудија да им го направат првото училишно искуство што попријатно. Особено со оглед на фактот дека заради пандемијата владеат строги правила и протоколи кои мора да се почитуваат.

„Почнуваме со задоцнување оваа учебна година заради пандемијата. Како што гледате протоколите се почитуваат, така ќе биде и понатаму. Се надеваме дека ќе успееме се‘ да биде како што треба за дечињата“, рече учителката Виолета Алигега Рамадани.

На првиот училишен ден од новата учебна година, градоначалникот Арбен Таравари присуствуваше на приемот на првачињата во Основното училиште „Единство“. Им посака пред се здравје, како и успех во учењето.

Жалам што почетокот на учебната година доцни, но ќе мора да продолжиме вака. Им посакувам на дечињата, учениците, да имаат здравје, успех, да напредуваат во нивното знаење. За наставниците и раководствата од училиштата немам сомнеж дека ќе ја изменаџираат ситуацијата и оваа криза што помалку да се одрази врз учениците.“, изјави градоначалникот.

Во училиштата на подрачјето на Општина Гостивар настава со физичко присуство освен за учениците од 1 до 3 одделение ќе има и за основци од неколку училишта во селата и тоа во Србиново, Падалиште, Вруток, Речане, Равен, Лакавица, Беловиште и Тумчевиште. Сите останати ученици ќе учат преку интернет. Поголемиот дел од училиштата денес спроведоа класни часови онлајн, за да ги запознаат учениците со правилата на однесување при онлајн наставата, распоредот и слично.

error: Content is protected !!