Во Гостивар до сега се направени 750 брзи тестови за ковид

Брзите антигенски тестови за откривање на коронавирус, кои во Гостивар беа воведени пред околу два месеци, се покажаа како значајна алка во справувањето со пандемијата. Тестирањето се спроведува во лабораторијата на Здравствениот дом, во посебни термини определени само за таа намена. Закажувањето оди преку матичните лекари, според симптомите на пациентите, а услови е тие да не траеле подолго од 5 дена. Чекање нема, односно наутро веќе може да се најде термин за тест за истиот ден, а резултатите се добиваат за половина час.

Во Гостивар до сега се направени вкупно 750 брзи тестови за ковид. Екипите на Здравствениот дом продолжуваат да земаат брисеви и да испитуваат присуство на корона на овој начин, и во наредниот период.

„Откако беа воведени кај нас брзите тестови, имаме бројка од направени 750. Обезбедени се тестови и за наредниот период преку Министерството за здравство, и располагаме со уште 2.000 брзи тестови. Се надевам дека овој континуитет ќе биде запазен и понатаму, се додека имаме проблем со постоечката пандемија.“, вели д-р Абдулкадар Алији, раководител на лабораторија-Здравствен дом Гостивар.

Последните дваесетина дена, со стишувањето на коронавирусот, темпото на тестирање е намалено. Ако претходно имаше 25 до 30 пациенти дневно, сега оваа бројка е петнаесетина. Паѓа и процентото на позитивни од тестирани. Актуелно се добиваат од 15 до 25% позитивни резултати за разлика од од претходно кога речиси секој втор тест беше позитивен.

Брзите ковид тестови се бесплатни за пациентите. Со нив се овозможува поефикасно регистрирање на позитивните случаи и нивно навремено третирање и изолирање од околината, што е најважно во спречување на ширење на вирусот.

error: Content is protected !!