Во Гостивар за надоместок се пријавиле 50-тина лица кои останале без работа

Вистинската слика за тоа, како и колку вонредната состојба поради короната влијаела врз работните места во Гостивар, ќе се знае откако кризата ќе помине. Од Центарот за вработување велат дека до сега не се забележани масовни отпуштања на работници од гостиварски фирми, но и дека нема некои значителни бројки на нови вработувања.

„Некоја појава на масовни отпуштања нема, ниту пак пријави за работа. Може да кажеме дека поради коронавирусот, сите работи некако се блокираат, па ќе мора да почекаме да стивне состојбата, па да видиме реално какви ќе излезат бројките, дали имало зголемување на невработеноста. До сега, се движиме во просекот од околу 6.700 невработени“, вели Хисен Амзаи, раководител на Центарот за вработување во Гостивар.

Во Центарот во тек е пријавување на лица, кои во време на пандемијата останале без работа, за користење на паричен надоместок. За овие граѓани, државата ќе обезбеди минимална месечна плата. Во Гостивар, до сега за оваа мерка на Владата аплицирале педесетина граѓани.  

Според податоците од Агенцијата за вработување, во првите три месеци од годинава на  гостиварското подрачје имало 838 пријави за засновани работни односи. Од вкупната бројка на невработени, која се движи околу 7.000, каkо активни баратели на работа евидентирани се 5.500.

error: Content is protected !!