Во Гостивар наскоро ќе се постават пластикомати

На неколку места во Гостивар наскоро ќе бидат поставени пластикомати, посебни апарати каде граѓаните ќе можат да одлагаат користена пластична амбалажа и за тоа да добијат пари. Проектот ќе го спроведе Јавното претпријатие за паркинзи и зеленило, со цел почиста животна средина и стимулирање на граѓаните за селекција на отпадот. Пластиката која ќе се собере во апаратите, потоа ќе се рециклира преку фирма која се занимава со таква дејност. Во зависност од големината на пластичното шише што го оставаат, граѓаните ќе добиваат од половина до денар и половина, надоместок.

„Планираме да поставиме неколу пластикомати, каде граѓаните ќе може да ги остават пластичните шишиња, знаеме дека таквата амбалажа доста се користи, а е сериозен проблем за животната средина. Парите што притоа ќе ги добијат, може да ги искористат за плаќање на паркинг, или за други намени. Целта е да имаме почист град и граѓаните да стекнат навика да го селектираат отпадот“, вели директорот на претпријатието Беким Челебиу.

Според најавите пластикоматите во Гостивар ќе се монтираат најдоцна до почетокот на февруари. Освен оваа новина, претпријатието во 2021-ва година ќе биде концентрирано на неколку проекти за уредување на постоечките паркови во градот и подигнување на нови зелени катчиња во селата. Буџетот на компанијата за капитални инвестиции е зголемен.

Во однос на стекнувањето навика за селекција на отпадот треба да се спомене дека минатата година на неколку локации во централното градско подрачје и покрај кејот на Вардар, гостиварски Комуналец постави посебни кошеви наменети за фрлање на пластика