Во ИЕ 6 ДУИ со 7 пратеници, АА – 6, СДСМ – 4, ВМРО ДПМНЕ – 2 и ДПА – 1

Шестата изборна единица во новиот македонски Парламент ќе има старо нови пратеници, но и свежи имиња. Симулацијата на мандати во 6-ка, направена според првичните резултати од Државната изборна комисија покажува дека најмногу пратеници добива ДУИ, вкупно 7, по која следува Коалицијата на Алијанса и Алтерантива со 6.

Коалицијата Можеме, на СДСМ и БЕСА ќе има 4, додека ВМРО ДПМНЕ со Коалицијата 2 претставника во законодавниот дом. ДПА на овие избори единствениот мандат го освои токму во шестата изборна единица, од каде во собраниско столче седнува претседателот на партијата, Мендух Тачи. 

Од 7-те идни пратеници на Демократската унија за интеграција две се жени,  Арта Билали Зендели и Вјолца Адеми. Исто толку припаднички на понежниот пол има и во пратеничките редови на Коалицијата Алијанса-Алтернатива, тоа се Илирие Даути и Артина Ќазими, која со своите 23 години, воедно ќе биде најмладиот член во новиот собраниски состав. Како женска сила од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во Парламентот влегуваат Фаница Николоска и Дафина Стојаноска.

Од веќе познатите политички имиња како пратеници од шестата изборна единица ќе бидат лидерите на албанските партии Али Ахмети на ДУИ, Зијадин Села на Алијанса за Албанците и Билал Касами на БЕСА. 

Се разбира промени се очекуваат по составувањето на Владата, со оглед дека некои од пратениците ќе станат министри. Законите налагаат, откако ДИК ќе испрати конечен извештај до Собранието со комплетирани податоци, за најмногу 20 дена треба да се закаже конститутивна седница. Потоа, претседателот на државата во рок од 10 дена од конститутивната седница е должен да го определи мандатот за состав на новата Влада.

error: Content is protected !!