Во Маврово одбележани 64 години од февруарската снежна трагедија

Пред споменикот на градителите во близина на браната во Маврово, денес се одржа пригоден собир, во спомен на загинатите во снежните лавини од 1956 година.

„Како и секоја година, на денешен ден се собираме да одадеме почит на загинатите градители. Денес се навршуваат 64 години од таа февруарска трагедија, кога од снежните лавини што го зафатија мавровскиот регион загинаа 52 градители на системот, граничари и месно население. Таа трагедија ги вознемирила сите жители на тогашна Југославија, бидејќи имало градители од сите краишта. Со ова одбележување, сакаме да им дадеме до знаење на сите наши вработени, дека луѓето што загинаа во оваа трагедија вечно не задолжија, положувајќи ги своите животи“, рече Ѓорѓи Божиновски, директор на ХЕС „Маврово“, организатори на настанот.

Буќети цвеќе на споменикот, положија делегации на ХЕС „Маврово“, Општина Маврово и Ростуше со градоначалникот Медат Куртовски, Националниот парк со директорот Самир Ајдини, а за прв пат на одбележувањето се вклучија и претставници на Здружението на акцијаши од Гостивар.

„Ние всушност ја продолжуваме традицијата на акции од бившите Ју простори, имаме учествувано во над 60 акции. Гостиварските бригади се носители на три највисоки признанија во тогашна Југославија – повелбите „Велко Влаховиќ“. Ние практично сме продолжувачи на оние што имаат загинато во 1956 година.“, изјави Здравко Трипуновски, претседател на Здружението. 

error: Content is protected !!