Во Маврово-Ростуше во изолација медицински персонал и вработени во ЈКП

Откако изминатите денови беа регистрирани првите два случаи на коронавирус во Општина Маврово и Ростуше, во домашна изолација се ставени 14 лица, кои имале контакти со заболените. Едниот пациент е вработен во јавното комунално претпријатие Маврово, и иако една недела пред да биде дијагностициран не одел на работа, колегите со кои делел канцеларија се во изолација. И медицинскиот персонал од Здравствениот дом во Ростуше, кој го лекувал исто така, е изолиран дома.

„Кога ги добивме информациите дека е позитивен, тој веќе една недела не одеше на работа. Бил лекуван од неговиот матичен лекар, а кога дошло до промена на состојбата во однос на покачување на температурата, бил испратен на тестирање во Гостивар и задржан на инфективното одделение. По добивањето на резултатите, останал уште неколку дена на ова одделние, а потоа бил префрлен на Инфективната клиника во Скопје. Според последните информации, пациентот е во стабилна здравствена состојба. Епидемиолозите извршија епидемиолошки анкети и издадени се решенија за самоизолација, на 4 лица од Здравствениот дом, матичниот лекар, две медицински сестри и лаборант, на колегите со кои работел во истата канцеларија и членовите на семејството.“, изјави градоначалникот Медат Куртовски.

Во врска со вториот потврден случај од оваа општина, се работи за возач кој вршел јавен превоз. Во тек е подетална анализа на контактите кои ги имал овој заболен, кој инаку за сега е без симптоми во домашна самоизолација. 

Според градоначалникот Куртовски, новата состојба не предизвикува застој во работата на јавното комунално претпријатие и Здравствениот дом, кои продолжуваат со тековно извршување на обврските. 

error: Content is protected !!