Во полошко потврдени нови 19 корона позитивни лица

Полошкиот регион и во денешната статистика за коронавирус е опфатен со новозаболени лица. Вирусот продолжува да се шири, а бројката на заболени секојдневно бележи пораст. Според податоците од Министертсвото за здравство во полошко изминатите 24 часа регистрирани се вкупно 19 нови случаи. Повеќе од половина се од Општина Гостивар, по што следуваат Општина Тетово со 4 и Општина Врапчиште со 3. Во Брвеница и Желино потврден е по еден новозаболен.

Министерство регистрира и две починати лица позитивни на корона, од Гостивар.  Бројката на активно болни на подрачјето сега се движи околу 460, од кои најголемиот дел се од градовите Тетово и Гостивар.

Последниот период, особено зголемување на заразени со коронавирус се евидентира во Гостивар, каде тридневниот биланс е над 25 нови случаи.

Во собите на инфективното одделение во гостиварската болница, деновиве беа додадени дополнителни кревети, а во подготовка е и мобилна амбуланта која ќе служи за тријажа на пациентите, односно нивно распределување за натамошен третман. Се очекува Кризниот штаб, кој поради изборите беше на пауза, час поскоро да одржи состанок и да донесе нови заклучоци и препораки со оглед на новонастанатата ситуација.

На државно ниво последното деноноќие направени се 830 тестирања, а регистрирани се вкупно 94 нови случаи на ковид. Најмногу од нив, 49 во регионот на Скопје. Свети Николе е со 9 ,а Штип со 8 нови пациенти. Заболени има и во Куманово, Прилеп, Кочани, Кичево и Струга.  

Институтот за јавно здравје регистрира 42 оздравени лица од кои едно е од Тетово.

error: Content is protected !!