Во скафандери и маски – од блиску со лекарите и техничарите во пунктот за земање брисеви во Тетово

Ова е пунктот каде што се земаат брисевите на пациентите суспектни за Ковид-19. Со заштитни маски на себе, дојдовме да разговараме со лицата задолжени за земањето брисеви. Влезот во пунктот не е дозволен – ни дадоа ракавици и се поздравивме на нов начин, кој ни го налага ситуацијата. Ова е д-р Мумин Селмани, кој постојано е облечен во скафандер, заштитна маска, очила и два пара ракавици. Пунктот е изолиран од остатокот на Клиничкиот центар и постојано се дезинфицира. Брисевите се земаат според закажаните термини. Работата е деликатна и напорна, но најважно е човечкото здравје, а и се навикнавме, вели д-р Селмани.

Д-р Селмани ни објасни и како функционира пунктот за земање брисеви, кој е отворен од самиот почеток на пандемијата.

Луѓето се некогаш исплашени, но сепак добро подготвени од страна на матичните лекари – објаснети им се сите детали, вели техничарот Стево Момировски, кој работи рамо до рамо со д-р Селмани. Ги охрабрува сите кои ќе дојдат во пункот да не се грижат, оти целата постапка трае околу 10-тина минути.

Иако извршуваат специфична работа, овој тим успева да го задржи ентузијазмот и волјата за работа.

Ни објаснија и како правилно да ги вадиме ракавиците, а не советуваа и редовно да ја дезинфицираме новинарската опрема и да се чуваме. На крајот – по соодветната дезинфекција, се поздравивме, а вредниот тим  го оставивме да ја заврши својата задача – безбедно складирање и транспорт на брисевите.

error: Content is protected !!