Во сообраќајка на регионалниот пат Дебар – Маврови Анови повреден жител на Стримница

Случај на семејно насилство, физички напад и приведени лица се настаните регистрирани во полицискиот билтен на СВР Тетово.

56-годишник од тетовска Стримница завршил во тетовската Клиничка болница, откако вчера товарното возило со кое управувал, излетало од патот. Незгодата се случила на регионалниот пат Дебар – Маврови Анови, пред крстосница за селото Ростуше.

Во СВР Тетово, 24-годишна жителка на тетовско село, вчера, пријавила дека нејзиниот сопруг на возраст од 28 години и свекрвата на возраст од 50 години, најпрво вербално ја навредувале, а потоа и физички ја нападнале. Набрзо, пријавените лишени се од слобода и задржани во Полициската станица Тетово за целосно расчистување и документирање на случајот.

24-годишник од гостиварска Ломница, пак, вчера во полицијата пријавил дека пред објект во Неготино-Полошко, физички бил нападнат од 31-годишник од ова село, кој во нападот, според пријавеното, користел и тврд предмет.

Од тетовската полиција информираат и за приведување на двајца албански државјани кои непријавено престојувале на подрачјето, по што предадени се во Отсекот за прекуграничен криминал, миграции, странци и реадмисија за натамошна постапка.

Powered by Live Score & Live Score App