Во сообраќајни незгоди вчера се повредени 8-годишно дете пешак и 20-годишен мотоциклист

Во полицискиот билтен и информации за приведени лица по разни основи. Полицијата за неносење маски, пак казнила 107 лица.

Во сообраќајна незгода повреден мотоциклист. Незгодата се случила вчера на крстосницата на улиците „ Иво Лола Рибар“ и „Браќа Симовски“ во Тетово, во која учествувале патничко моторно возило, управувано од 37-годишник од Тетово и мопед-скутер, што го управувал 20-годишен тетовец. Повредениот мотоциклист пренесен е во тетовската Клиничка болница за укажување на лекарска помош.

На крстосницата на регионалниот пат Тетово-Гостивар со локалниот во тетовско Боговиње, вчера патничко возило „шкода“, управувано од 49-годишник од Боговиње, удрило во 8-годишно девојче (пешак) од ова село. Повреденото девојче пренесено е во тетовската Клиничка болница за укажување на лекарска помош.

Од СВР Тетово информираат дека вчеравечер, во близина на угостителски објект покрај регионалниот пат Тетово-Јажинце, во тетовско Пршовце, приведен е 20-годишник од Слатино, затоа што при преглед му била пронајдена марихуана.

Лишени од слобода вчера биле 37-годишник и 31- годишна жителка на гостиварско Врапчиште, поради основи на сомнение дека во викендица во Маврово извршиле кражба над 26-годишна српска државјанка. Кај нив биле пронајдени одземените предмети и биле вратени на сопственикот.

Во текот на изминатото деноноќие, според статистиката на Секторот за внатрешни работи Тетово за неносење заштитни маски на вкупно 107 лица (ТЕ-72 и ГВ-35) изготвени им се прекршочни платни налози, согласно член 6  од соодветната владина Уредба.