Во судир на три автомобили повредени 5 лица

Жител на Сенокосе нападнал вработена во гостиварската болница. 47-годишен тетовец е приведен затоа што со автомобил удрил во жител на Порој. Следуваат деталите од полицискиот билтен на СВР Тетово.

5 лица повредени во сообраќајна незгода. Вчера на регионалниот пат Тетово-Јажинце, во  Џепчиште, се случила сообраќајна несреќа во која учествувале три патнички моторни возила со тетовски регистарски ознаки: „фолксфаген голф“ управуван од 34-годишник од Џепчиште, „цитроен Ц4“ што го управувала 39-годишна жителка од истото село и „мерцедес“ управуван од 43-годишен тетовец. Во несреќата, сопатничка од „цитроенот“задобила тешки телесни повреди, а возачот и уште три други сопатници од возилото завршиле со телесни повреди, констатирани во тетовската Клиничка болница. На местото на несреќата увид извршила екипа од Секторот за внатрешни работи Тетово.                 

Вчера во гостиварската Општа болница  за укажување на лекарска помош била примена 78-годишна жителка од гостиварско Сенокосе, која за кусо време починала на Интерното одделение. Набрзо потоа, нејзиниот 51-годишен син физички нападнал вработена во ова Одделение и агресивно се однесувал, удирајќи по инвентарот во внатрешноста на просториите. Увид извршила екипа од Одделението за внатрешни работи Гостивар и се преземаат мерки за расчистување и документирање на случајот.

Вчеравечер на улица „105“ во Тетово, полициски службеници на СВР Тетово лишиле од слобода 47-годишен тетовец, кој дента околу 15 часот на улица „Видое Смилевски-Бато“ во Тетово со неговото возило„фолксфаген голф“, според пријавеното, го удрил 44-годишник од тетовски Порој. На удирањето му претходела нивна меѓусебна расправија околу возилото на 44-годишникот, а кое поради дефект било оставено на коловоз и му го попречувало движењето на тетовецот. Се расчистува и документира случајот, по што против него, на кого времено му е одземено и возилото за вештачење, ќе следува поднесок.