Во Тетово над 50 граѓани се здобиле со фрактури поради мразот

Ниските температури проследени со врнежи од снег доведоа до појава на мраз на многу градски површини поради што многу граѓани се здобиле со фрактури односно скршеници. На ортопедското одделение при Клиничката болница во Тетово, за време на викендот заклучно со вчера, медицинска помош поради скршеници побарале над 50-тина граѓани.

Оттаму информираат дека тројца од нив се оперирани, а останатите се пуштени на домашно лекување. Во овој број се опфатени и лицата кои се здобиле со повреди на ски-центарот Попова Шапка. Најголем број од повредите кои ги здобиле граѓаните се однесувале на скршеници на екстремитетите. Лекарите особено апелираат внимателни да бидат повозрасните граѓани бидејќи тие се најранливата категорија кога станува збор за фрактури здобиени од мразот на градските улици и тротоари.

Покрај ова, лекарите исто така ги потенцираат и другите ризици по здравјето коишто ги носи студеното време, како појавата на респираторни состојби, а во најлош случај и хипотермија. Тие советуваат во овој период максимално да се почитуваат заштитните мерки при неповолните временски услови, како што се консумирањето топли пијалаци и витамини, носење топла облека, како и ограничување на престојот на отворено.

Сподели