Во Тетово свечено отворена изложбата „Пролетен салон 2023“
Повеќе од 50 ликовни уметници од Македонија и соседните Албанија и Косово со свои дела се преставија на изложбата „Пролетен салон 2023“ која свечено беше отворена во Тетово. Истата е во организација на Здружението на ликовни уметници на град Тетово. На неа изложени се дела изработени во различни техники.
Ликовни дела изработени во различни техники, на вкупно 56 уметници од Тетово, Косово и Албанија, го красат фоајето на Центарот за култура во Тетово. Сликите може да се погледнат во рамки на изложбата „Пролетен салон 2023“ во организација на Здружението на ликовни уметници на град Тетово,којашто вчеравечер беше свечено отворена во присуство на уметниците, градоначалникот на општина Тетово и многубројни други посетители. Секое од изложените дела изработено со многу љубов и посветеност имаше за цел да го задржи вниманието на набљудувачот, а некое од нив и да пренесе одредена порака до публиката.
На синоќешното отворање на колективната изложба „Пролетен салон 2023“, Здружението на ликовни уметници на Тетово, заедно со Центарот за култура постхумно додели плакета-благодарница на семејството на академскиот сликар Александар Настески, кој почина во јануари годинава. На изложбата беше претставено и едно негово дело создадено непосредно пред неговата смрт.
Синоќешниот настан беше заокружен со коктел за присутните и со концерт на младинскиот оркестар на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ од Куманово.
Ивана Серафимовска