Во тетовско-гостиварскиот регион има околу 900 лица во задолжителна изолација

Со порастот на заболени со ковид, на полошкото подрачје се зголемува и бројката на граѓани кои мора да одат во задолжителна изолација поради директен контак со инфициран пациент.

Според статистиката на Секторот за внатрешни работи Тетово во текот на изминатото деноноќие,  Државниот санитарен и здравствен инспекторат изготвил решенија за изолација на вкупно 65 лица, од кои 41 во Тетово и 24 во Гостивар. Полицијата извршила контроли на 700 лица во тетовско и 158 во гостиварско со вакви решенија и не биле констатирани неправилности и прекршоци.

СВР продолжува и со секојдневна контрола околу задолжителни мерки. Последното деноноќие за неносење маски казнето биле 73 граѓани, од кои во тетовско 47 и во гостиварско 26.

Со оглед на растот на заболени, полицијата повторно апелира граѓаните строго да се придржуваат до мерките. Од СВР потенцираат дека ова особено се однесува на јавниот транспорт, во комбиња, автобуси, минибуси, такси возила да се носат маски и да се редуцира бројот на патници, според протоколите. Надлежните исто така повикуваат да нема групирања на луѓе по парковите, во кафулињата и другите угостителски објекти, а на маса да не седнуваат повеќе луѓе отколку што е дозволено.

Во дневниот билтен на полицијата, освен податоците врзани со ковид, евидентирани се и две каснувања од кучиња во гостиварско. Шестгодишно девојче вчеравечер околу 21 часот, било нападнато и каснато од куче скитник во селото Дебреше. Во градот Гостивар, пак на ул „Илинденска“ во 19 часот, бездомно куче нападнало 40 годишен жител на Берово.