Во Тетовско за 9 и пол месеци затворени 30 занаетчкиски фирми

30 занаетчии во тетовско ставиле клуч на својата фирма, во текот на изминатите 9 и пол месеци. Од Регионалната занаетчиска комора велат дека ова е најлош период до сега, споредбено со претходно, кога во просек годишно се затворале само по неколку фирми. Дополнително намален е бројот и на новорегистрирани фирми.

„ Со енергетската криза малку тешко, оваа година само се затвораат фирми, се жалат дека уште поголеми сметки ќе имаат, не се знае до крајот на годината како ќе се издржи, особено ако нема некаква помош за занаетчиите како што е за големите фирми. Досега немало толкава бројка, се бришело минимално. Имало многу уписи, особено со грантовите за самовработување имало и по 50 уписи, а годинава само 5“, вели Виолета Станкоска, овластено лице на Регионалната занаетчкиска комора Тетово.  

Освен занатчиите кои претежно се помалку вработени и помал капацитет, и поголемите претпријатија прават пресметки дали ќе можат да ги издржат високите сметки за струја. Од тетовската Агенција за поддршка на претпријатија ЕСА велат дека доколку нема соодветна државна помош голем број фирми ќе затворат или ќе стагнираат со производство.

„Сите, особено тие кај кои самиот процес на производство вклучува електрична енергија, да речеме над 50% од работата е со струја, да не речам некои имаат и 70 – 80 % од постапката. Тие немаат обични машини, имаат автоматизирани. Таму мора да се најде решение за да се надмине моменталнталната состојба“, вели Неби Јусуфи од Агенцијата за поддршка на претпријатија ЕСА Тетово.

Инаку 80 % од дејностите на пазарот се занаетчиски, освен бутици, колонијали, угостителски објекти и такси компании.

Данијела Билбилоска