Во црквата Света Богородица во Лешок најден постар фрагмент, како дел од трослојно сликарство

Пронајден поголем фрагмент на многу постар живопис во црквата Света Богородица во тетовски Лешок, што е ретка можност да се презентира трослојно сликарство. Конзерваторите велат дека точната датација ќе ја кажат историчарите, но најверојатно делот од архиерејот потекнува од 13 или 14 век. Живописот од 17 век ќе биде поставен на носач, за да може да се поместува и да се види и постариот под него.

„Спецификата е што откривме тројслојно сликарство и методите кои ги применуваме се навистина иновативни со тоа што ќе дозволиме да се презентира и стариот живопис и тој од 17, додека тој од 19 каде што има можност ќе биде сочуван. За таа намена направивме еден посебен носач, за да можеме да го презентираме постариот живопис, тој носач ќе биде ставен на местото од 17 век и науката ќе може со помош на самиот носач да може да го види ова сликарство кое е под.“ – изјави Владо Муковски, конзерватор за ѕидно сликарство.

На објектите од културното наследство им треба постојана заштита, но конзерваторите работат според тоа колку средства се одобрени од Министерството за култура. Дополнително во државата има само неколку советници конзерватори за цела територија.

„Црквите пред се имаат потреба од заштита, ние со неколку луѓе во оваа држава ни малку не можеме да одговориме на тие потреби, а важни се, зашто пред се сите се фалиме со тоа културно наследство, мислам ако се фалиме треба да преземеме нешто за тоа соодветно да го заштитиме. Оваа година се минамални средствата, доволни е неблагодарно да се каже, зашто оваа работа бара големо трпение, внимание и работа“. – изјави Владо Муковски, конзерватор за ѕидно сликарство.

Конзерваторите во црквата Света Богородица, која е стара најмалку 7 века, ќе работат до половината на овој месец, а потоа одат на реставрација во други објекти во земјава.

Данијела Билбилоска