Второ поголемо откритие на фрагмент од трослојно сликарство во лешочката црква Света Богородица

Пронајден уште еден фрагмент на многу постар живопис во црквата Света Богородица во тетовски Лешок, што е ретка можност да се презентира трослојно сликарство. Министерката за култура, Бисера Костадиноска-Стојчевска денес ја посети црквата.

Откриен нов фрагмент на живопис од трослојно сликарство при активностите за реставрација и конзервација на црквата Света Богородица во тетовски Лешок. Над фрагментот кој беше пронајден пред една недела веќе е поставен носач, за да може да се презентира постариот, а истата постапка ќе се повтори и за овој, се со цел да послужи за научни цели.

За постојана заштита на објектите од културното досега не се одвојуваа доволно средства, што според министерката за култура, Бисера Костадиноска-Стојчевска, е поради законските ограничувања. Се работи на правна рамка со која ќе овозможи повеќегодишно финансирање, рече таа при денешната посета на црквата Св. Богородица.

Инаку во земјава има само неколку конзерватори кои работат на целата територија. Недостатокот на кадар ќе се решава со тоа што ќе се мотивираат матурантите за да ги одберат студиските групи од областа на култура, со стипендирање.

Данијела Билбилоска