Вјоса Османи-Садриу во официјална посета на Тетово

Претседателката на Република Косово, Вјоса Османи-Садриу, денес беше во официјална посета на Тетово. Оптината ја пречека со билборди за добредојде, но напишани само на албански јазик, на што реагираа политичките партии од македонскиот блок.

Транспаренти и билборди со „Добредојде госпоѓо претседателке“, напишани само на албански јазик, постави локалната самоуправа по повод денешната посета на Тетово на косовската претседателка, Вјоса Османи-Садриу. На влезот на градот, во тревникот стои и „ТЕТОВА“, без да има и на кирилично писмо.

На ваквите постапки реагираа советниците на СДСМ, кои воедно прашуваат дали градот треба да се уредува само кога доаѓа делегација.  

„Дали само албанскиот јазик е официјален јазик во градот Тетово? Дали македонската етничка партија која ја поддржува власта го поддржува тоа? Дали треба да чекаме висок гостин да не посети за да се исчисти и уреди градот? Зарем граѓаните на Тетово не го заслужуваат тоа секој ден?. праша Глигорије Стојановски од советничка група на СДСМ

Вчера младите од ВМРО ДПМНЕ упатија порака до градоначалникот поставувајќи транспарент на македонски јазик, кој подоцна беше отстанет. Денес и од Општинскиот комитет на партијата побараа да се почитува двојазичоста.

Ги повикуваме институциите на Република Македонија да преземат енергични мерки и да постапат според Уставот и важечките закони во врска со поставувањето на билборди само на албански јазик. Сметаме дека е добро да градиме добрососедски односи, но, остро се спротиставуваме на злоупотребувањето на Уставот и законите и цениме дека е недозволиво девалвирањето на употребата на македонскиот јазик како единствен службен јазик, како и државното знаме.ОК на ВМРО ДПМНЕ Тетово

За време на посетата не беа дозволени новинарски прашања. Во обраќањата по средбата на косовската претседателка со тетовскиот градоначалник беше истакнато дека Тетово е мостот на соработка помеѓу двете држави.  

„Тетово како една од главните градови на Македонија, од најважните градови после Скопје и каде што мнозинство на граѓани живеат Албанци е мостот на соработката помеѓу Македонија и Косово“ , изјави Биљал Касами, градоначалник на Тетово 

„Од Тетово почнале многу историски поцеси за албанскиот народ, не само за оној кој живее во овој град, туку и од соседните држави. Тетово и Косово имаат многу заедничка историја и плодна и братска соработка. И денеска нашите врски се нераскинливи. Многу млади од овој град, студирале и студираат на нашите Универзитети и обратно“, изјави Вјоса Османи Садриу, претседателката на Република Косово.

Со развиорени албански знамиња придружувани од граѓани и ученици се упатија на прошетка низ градот.

Данијела Билбилоска