ГАКУД „Браќа Ѓиноски“ од Гостивар слави 7 децении постоење

Градското аматерско културно уметничко друштво „Браќа Ѓиноски“ од Гостивар годинава одбележува голем јубилеј-седум децении постоење. Да се биде чувар на традициите, фолклорот и обичаите 70 години, претставува света мисија и значајна обврска. Како во однос на минатото, така и кон идните генерации. 

Почетоците на друштвото датираат од 1950 година, кога група на млади гостиварци ентузијасти се собрале да ги продолжат традициите на претходно постоечко друштво познато под името „Шивачки“.

Чекор по чекор, ГАКУД „Браќа Ѓиноски“ се развивало и ги зголемувало членството и настапите.

„ Првите позначајни резултати, друштвото ги бележи во 1953 година, на натпревар на градовите во Битола, кадешто освојува награда за најуспешно друштво од западниот регион на Македонија. Бројот на членови постојано се зголемувал и во 1956 имало стотина членови. Со драмската секција во тоа време раководи Митко Димитар Томовски, кој за жал веќе не е меѓу нас. До 1965 година, тој режирал околу 12 драмски претстави со над 70 изведби. Во шеесеттите години, друштвото ги бележи првите учества на регионални фестивали Тетово, Дебар и во нашиот град. Во 1981 година, четирите културно уметнички друштва од градот  албанското, турското, ромското и македонското се спојуваат и до 1992 година „Браќа Ѓиноски“ работи како градско друштво со секции на сите четири јазици.“, вели  Анте Тодоровски, секретар на ГАКУД „Браќа Ѓиноски“.

Друштвото успешно работело до 1976 година, кога следувал период на пауза од една година. Потоа, група на ентизујасти, меѓу кои и Андреа Михајлоски, Милош Смилјаноски, Нуфре Јованоски, Тихомир  Илиски, Павле Попоски, Симе Трифуноски го реоформуваат.

Друштвото во своето 7 децениско постоење учествувало на бројни фестивали и манифестаци, во земјава и странство. Најголемиот меѓународен успех го постигнало на фестивал во Турција во 1985 година, каде во конкуренција од над 40 европски друштва го освоило првото место.

Во последните десетина години, друштвото се соочува со финансиски потешкотии. Од раководството велат дека неопходна е поголема поддршка од државните и локалните институиции.

error: Content is protected !!