Галичка свадба 2020 одложена поради ковид пандемијата

Ковид пандемијата ја одложи традионалната манифестација Галичка свадба. Советот на Месната заедница Галичник донесе одлука настанот годинава да не се одржи на Петровден, како што беше обичајот до сега. Доколку се создадат услови и состојбата со корона се смири, ќе се организира на празникот Голема Богородица, 26 август.

Во соопштението од МЗ во врска со одлуката се вели: „Разговаравме долго, го обезбедивме традиционалното покровителство на Свадбата од Претседателот на државата, се консултиравме со стручни лица од областа и со Комисијата за заразни болести, развивме сеопфатен протокол, но сфативме дека со оглед на моменталната епидемиолошка состојба, манифестацијата Галичка свадба не треба да се одржи на Петровден. Будно ќе ги следиме состојбите и препораките, и се надеваме дека Свадбата ќе ја одржиме наскоро.“

Оваа манифестација низ годините прерасна во голема културно-туристичка атракција, која привлекува домашни и странски посетители.

Првата Галичка свадба се одржала во 1963 година. Тогаш над 4.000 гости одблизу ги виделе свадбарските обичаи на Мијаците. По две години имало прекин, до 1973 година, откога манифестацијата се одржува редовно.