Гинекологот Хатије Исмаили стана почесен граѓанин на Гостивар
Гинекологот Хатије Исмаили, добитник на државна награда за најдобар лекар во Словенија, беше прогласена за почесен граѓанин на Гостивар. Одлуката едногласно ја донесе општинскиот Совет на денешната 35 седница по ред. Докторката Исмаили потекнува од Гостивар, а живее и гради кариера во Словенија. Неодамна беше во посета на родниот крај и од градоначалникот Арбен Таравари доби плакета.
„Изминатиот период остварив средба со доктор Хатије Беџети Исмаили во нашата општина и разговаравме за нејзината кариера и достигнувања во областа на медицината. Докторката заслужува да биде прогласена за почесен граѓанин, затоа што со својот ангажман, го промовира Гостивар во држава каква што е Словенија, каде медицината е на многу напредно ниво“, рече Таравари.
На седница советниците го изгласаа извештајот за извршување на буџетот во првиот квартал од годинава. Како што појаснија од одделението за финансии, и покрај ковид кризата, општинската каса има добра реализација од 23,8%, што е 3 отсто повеќе, споредено со лани истиот период. Истовремено буџетарите упатија апел до граѓаните и фирмите редовно да ги подмируваат даночните обврски кон општината.
Советот усвои и неколку одлуки врзани со функционирањето на детските градинки, како измена на систематизацијата на работните места и давање согласност за прием на поголем број деца во групите.
Исто така, беше дадено зелено светло за финансиска поддршка на музичкиот фестивал Парк, како и за хуманитарен проект што опфаќа изградба на куќи за 5 семејства во гостиварско Чајле.