Годишно 10 до 15 малолетнички во Гостивар стануваат мајки

Малолетничката бременост е проблем кој се` уште е присутен на гостиварските простори. Медицинските статистики покажуваат дека на годишно ниво, 10 до 15 тинејџерки стануваат мајки. Предизвикот за нив и семејствата е голем, со оглед на психолошкиот ефект и емоционалната недозреаност. Освен тоа, телото и организмот не се доволно развиени и подготвени, па бременоста кај малолетничките се води како ризична.

„За разлика од пред двесетина години, може да се каже дека сега има помал број на малолетни родилки, но сепак ги има. Годишно бројката се движи од 10 до 15. Најголемиот дел од малолетничките коишто се породиле на нашето одделение биле на возраст од 15 до 17 години. Тоа е еден општествен проблем, но кај некои има и традиција да се мажат на помала возраст и така останува.“, вели д-р Агим Јакупи, раководител на гинеколошко-акушерското одделение во Гостивар.

Бројката на тинејџерки мајки не ја отсликува целосно состојбата со малолетничката  бременост, затоа што има девојки кои бараат абортус. Сознанијата кажуваат дека прекините на бременоста најчесто ги прават во установи во други градови, заради дискреција.

За да се делува превентивно, стручните лица сметаат дека е неопходна едукација и информирање на младите во врска со репродуктивното здравје и начините за заштита од несакана бременост.

На светско ниво секоја година околу 16 милиони малолетнички раѓаат бебиња.

error: Content is protected !!