Голем интерес за грантовите за самовработување во Гостивар

Осумдесетина невработени лица од Гостивар ќе добијат грантови од државата за отворање на сопствен бизнис. Пријавувањето е во тек, а интересот за оваа мерка од Програмата за самовработување е многу голем.

За неполна недела од објавување на огласот, во Центарот за вработување во Гостивар се пријавиле над 140 граѓани, кои сакаат да користат неповратни средства за да разработат своја фирма.

Хисен Амзаи, раководител на Центарот објаснува кој може да аплицира за грант од државата, кои се условите и за колкави суми конкретно станува збор.

„Може да се пријават сите лица кои се регистрирани како невработени во нашиот Центар. Грановите се во висина од 5.000 евра во вид на репроматеријали или опрема. Може да се здружат две невработени лица во ДООЕЛ, во кој случај аплицираат за грант од 10.000 евра“, вели Амзаи.  

Сите кои ќе добијат ваков тип на помош, имаат обврска да ја задржат фирмата активна најмалку две години. Во спротивно, ќе мора да вратат од 60 до 80% од парите. Меѓу пријавените до сега, има за најразлични дејности. 

„Пријавени се на пример, за основање лекарски ординации, правни фирми, занаетчиски работлници, фризери и други дејности“, вели Амзаи.

Минатата година, во гостиварскиот регион грантови за сопствен бизнис добиле 105 лица.

error: Content is protected !!