Горните населби во Тетово подолг период немаат вода за пиење

Речиси еден месец жителите на тетовската населба Колтук мака мачат со водата за пиење. Мора да станат рано за да наполнат резерви во пластични садови за да можат да го поминат денот. Во некои од куќите низ чешмите воопшто не тече вода, па се принудени да полнат од други места и да купуваат. Бараат од надлежните поскоро решавање на проблемот.

Жителите велат дека се обратиле во Јавното комунално претпријатие и во Општината, но тие ја префрлаат вината меѓусебе.

Од Работната единица Водовод и канализација, пак, велат дека проблемот е поради намалена издашност на изворите и зголемената потрошувачка во централното градско подрачје.

„Во горните делови од градот се случува да нема вода преку ден поради намален притисок, како резултат на недостаток во изворите во овој период и поради зголемената потрошувачка на вода во градот. Ќе се обидеме да изнајдат техничка можност за појачување во тој дел“.

                                                   Р.Е. Водовод и Канализација при ЈКП Тетово

Во моментов издашноста на изворите со кои Тетово се снабдува со вода за пиење, заедно со бунарите кои се ставени во функција, изнасува 330 литри вода во секунда, што според надлежните е доволна количина за потребите на граѓаните доколку рационално се користи.

error: Content is protected !!