Гостиварецот Анди Исмаили двократен светски шампион во современ танц

Има само 13 години, а е двократен светски шампион во современ танц. Талентот и напорната работа на гостиварецот Анди Исмаили му донесоа уште еден златен медал во јуниорска конкуренција на Светското првенство во модерен танц, кој се одржа овој месец во Полска. Првото злато го освои во 2019, минатата година поради пандемијата не учествуваше, но со неговата амбициозност сигурно ќе освојува уште многу награди. Горд на својот успех. Се надева ќе го повтори и идната година.

„Многу е убаво да имаш две титули, имајќи ги предвид сите жртви кои ги правев. Подготовките започнаа пред два месеца пред натпреварот. Во Полска бев 5 дена и таму се претставив со кореографијата на Јан Давник, која ја подготвивме заедно со моите тренери Вулнет Незири и Сарита Селмани. Чувството беше прекрасно“, вели Анди.


Пред 4 години Анди ги прави првите балетски чекори и оттогаш е постојано на сцена. Кога се подготвува за натпревар, тогаш доаѓа на тренинг секој ден. Вели дека оваа година добил неколку значајни награди.

За мене претставува нешто што многу сакам да го правам. Со модерниот танц се занимавам од декември 2017 година, редовно вежбам и тоа се жртвите што ги правaм. Мојот омилен стил е џез и модерен балет. Сакам да играм на песните на Били Ајлиш“, вели Анди.

Неговите тренери од танцовото студио „I Dance” велат дека Анди е вонсериски талент, но неговите успеси се должат на неговата упорна работа. Велат дека Анди има најголема поддршка од родителите, а помош од институциите до сега не добиле.

Својата амбициозност 13-годишниот Анди ја потврдува и во својата новогодишна желба.

Да продолжам со успех, како и до сега“.