Гостиварката, Тамара Грујеска, ќе ја претставува Македонија на овогодишната детска Евровизија

12-годишната Тамара Грујеска од Гостивар ќе ја претставува Македонија на овогодишната детска Евровизија која ќе се одржи на 26-ти ноември во Ница, Франција, информираа од Македонската радио-телевизија, по одржаната аудиција. Грујеска зад себе има голем број награди од македонски и интернационални натпревари по пеење.

Солистката Тамара Грујеска во текот на нејзиното учество на детскиот Евросонг, како што дополнуваат од МРТВ, ќе биде поддржана од авторски тим од реномирани уметници.

Тамара е родена во Гостивар во 2010 година.Своите први почетоци во светот на музиката ги прави на само пет години и оттогаш постојано е активна на детските фестивали во земјава и странство. Препознатлива е по моќните изведби и неверојатен вокал. Доказ за тоа се и големиот број на награди кој ги освојува, не само во Македонија, туку и на интернационални натпревари. Првиот нејзин настап на интернационален натпревар е во 2021 година на „Езерски Бисери“ во Струга, каде што го освојува првото место. Истата година учествува и на Интернационалниот Фестивал „Ѕвездички“ во Прилеп каде што освојува највисока гран-при награда со нејзината песна „Музиката во мене има дом“. Истата година учествува и на интернационалниот Фестивал „Шкољкице“ во Нови Сад, Србија каде што повторно освојува гран-при награда. Во 2022 година Тамара учествува и на најпрестижниот фестивал и натпревар во Владимир „Golden Stars Rain“ каде што во конкуренција од 150 натпреварувачи од повеќе земји ја освојува гран-при награда. Гран-при награда освои и на меѓународниот фестивал Angel Voice во Белград Србија.

Инаку, Тамара е ученичка во основното училиште „Гоце Делчев“ – Гостивар и во Основното музичко училиште „Тодор Скаловски“-Тетоец во Тетово отсек „соло пеење“. Љубовта и посветеноста на музиката ја надградува и со онлајн часови и курсеви кај светски познатата вокална учителка Cheryl Porter од САД, се вели во сооштението од Македонската радио-телевизија.

Ивана Серафимовска