Гостиварка во Словенија вклучена во медицински тим против коронавирус

Младата гостиварка Петра Јанеска е во првата борбена линија против Ковид 19 во Ургентниот центар во Марибор, Словенија. Таму работи како дипломираната медицинска сестра на Факултетот за здравствени науки, а паралелно следи и магистарски студии. Петра со нас сподели каква е работата и темпото во центарот, и какви предизвици носи  работниот ден, кој за медицинскиот персонал трае од 8 до 12 часа.  

„Мора да признаам дека не е баш лесно и секој ден е нов предизвик. Така ја прифаќам мојата работам како предизвик. Најважна е психичката подготовка, затоа што самото темпо на работа е динамично и мноу стресно, како што кажува и самиот збор ургентно. Работиме од 8 до 12 часа на ден. Имам среќа да работам со супер тим, каде секогаш владее позитивна атмосфера. Ние сме тим составен од доктори, медицински сестри и болничари. Откако доаѓаме на смена, најпрво се врши прием на извештајот за состојбата од претходната смена, за пациентите, па потоа се распределуваме на своите позиции. Напорно е, но јас ја сакам мојата професија и ја работа посветено, со многу љубов“, вели Петра.

Пандемијата даде поинаков тек на човечките животи, секојдневието, навиките, обврските. Јанеска вели дека и во Словенија биле донесени строги мерки, забранет бил јавниот превоз, патувањето од една во друга општина, затворени биле угостителските објекти и слично. Периодов, постепено се почнува со олабавување на ограничувањата, но препораките за заштита остануваат.

„Иако мерките се ублажуваат, сепак одредени препораки и правила мора и понатаму да се почитуваат. Да нема собирања на поголеми групи, да се држи социјална дистанца, да се носи маска и слично“, вели гостиварката.

Љубовта кон медицината оваа гостиварка ја има од мали нозе. Вели дека идол и бил покојниот дедо, Бранислав Јаковлески, пулмолог и долгогодишен директор на гостиварската болница. Кога завршила средно во гимназијата во Гостивар, аплицирала на два медицински факултети во Словенија, и од двата добила потврден одговор, а нејзиниот избор паднал на Здравствените науки. Откако дипломирала, како најдобар студент со просек 10 веднаш била примена на работа.

Границите се уште се затворени и Петра за сега, не може да го посети Гостивар и своето семејство. Но, вели ќе ја искористи првата прилика за кафе и баклава во родниот град.

error: Content is protected !!