Гостиварка ги повикува политичарите да стават потпис за поддршка на децата со посебни потреби

Под мотото „Да создадеме свет без граници“ во земјава започнува кампања насочена кон децата со посебни потреби и нивните семејства. Целта е да се сврти вниманието на јавноста, особено на политичките чинители, за бројните тешкотии и предизвици со кои се соочуваат овие деца и нивните родители и да им се пружи неопходната поддршка, барем малку да им се олесни секојдневието.

Кампањата ја покрена гостиварката Маргарита Милошеска, и самата мајка на девојче со церебрална парализа. Од политичарите се бара со потпис да се обврзат дека ќе се заложат за правата на децата со попречености.

„Ги повикуваме претседателите на сите политички партии на 8-ми јули, во 5 минути до 12 часот во Жена парк, спроти Собранието да го потпишат документот со кој ќе се обврзат да го поддржат исполнувањето на нашите барања. Не ни требаат празни ветувања, туку потпис дека ќе се заложат за решавање на нашите проблеми. Сега преку оваа кампања ги повикуваме јавно да дојдат и да го дадат својот потпис, а до секој од нив деновиве ќе испратиме и лична покана. Едни од барањата во документот се: позначително покачување на посебниот додаток, тргнување на возрасната граница од 26 години за остварување одредени права, како и право на пензионирање на родителите на деца со посебни потреби на 55 години.“, вели Милошеска.

Поддршка на активностите даваат неколку здруженија од Македонија, кои делуваат во областа на заштита на правата на маргинализираните групи.

error: Content is protected !!